Повод за оваа колумна е еден неумесен наратив кој мошне често почнавме да го слушаме во јавниот дискурс дека по никоја цена не треба да се отвараат нови рудници, постојаните да се затворат и дека единствено треба да се сконцентрираме кон обновливите извори на енергија и т.н. зелена трансформација. Самото конструирање на реченицава е тешка небулоза, на две теми кои речиси и да не се воопшто поврзани меѓу себе и навистина е големо разочарување што понекогаш ја слушаме од луѓе што би требале први да знаат дека процесот на зелена трансформација како таков е тотално невозможен ако претходно не се отворат и не профункционираат барем стотици нови рудници ширум светот кои ќе ги обезбедат сите потребни минерали за да се создаде и потребната инфраструктура и елементите со кои ќе се трасира патот кон толку посакуваното “зелено сценарио”. Нејсе, подобро да не ги отвараме економските и социјалните аспекти на небулозава за да не биде прекомплексно елаборирањево, еве овојпат да се насочиме само кон “месото” на оваа теза.
Како човек кој е поборник за постепена трансформација на енергетскиот сектор кон обновливите извори на енергија, намалување на емисијата на штетни гасови и се разбира некој кој сериозно е загрижен за почиста животна средина – но истовремено и човек кој одблиску поради својата професија ја следи и има допир со рударската индустрија, сметам дека јавноста мора да ја знае целосната слика околу оваа тема, без слаткоречиви и популистички изјави дека “од утре” светот ќе стане 100% green и ќе го има комодитетот своите природни богататва да си ги “чува” длабоко во земјата.
Според овогодишниот извештај објавен од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), глобалните синџири за снабдување со батерии и минерали треба да се зголемат десеткратно за да ги задоволат проектираните потреби за минерали до 2030 година.
Извештајот заклучува дека индустријата треба да изгради уште 50 рудници за литиум, уште 60 рудници за никел и уште 17 рудници за кобалт до 2030 година за да ги исполни глобалните цели за нето-емисии на јаглерод.
Притисокот врз снабдувањето со критични материјали ќе продолжи да се зголемува бидејќи електрификацијата на патниот транспорт станува сé позначаен елемент во исполнувањето на глобалните амбиции за нулта нето-емисии на јаглерод. Според ИЕА, побарувачката за батерии за електрични возила ќе се зголеми од денешните околу 340 GWh на над 3500 GWh до 2030 година.
Снабдувањето со некои минерали, како што е литиумот, ќе треба да се зголеми за една третина до 2030 година за да се задоволат предвидените планови за електрификација на патниот транспорт. Најголемо зголемување на побарувачката се очекува во однос на никелот, кој што претставува клучна компонента во батериите за електрични возила.
И покрај трендот за намалување на потребата од кобалт преку технолошки иновации, извештајот предупредува дека порастот на глобалната побарувачка на батерии за електрични возила сепак ќе придонесе и за зголемена побарувачка на кобалт до крајот на оваа деценија.
Секако, најклучниот меѓу сите овие минерали е можеби бакарот кој има суштинско значење за целата инфраструктура поврзана со електрична енергија. Сите видови на електроенергетски системи (без разлика дали се тие базирани на енергија од сонцето, ветерот или водата), користат бакар за генерирање и пренос на енергија со максимална ефикасност и минимално влијание врз животната средина. Меѓутоа, во овој момент, во светот нема доволно рудници за бакар кои веќе се градат или прошируваат за да се обезбедат потребите за производство на 27 милиони електрични возила – колку што S&P Global предвидува дека ќе се продаваат годишно до 2030 година.
Но, отворањето на нови рудници не е едноставен процес. Откако преку проспекција ќе се идентификува потребниот ресурс, од ИЕА велат дека може да бидат потребни четири до повеќе од 20 години за рудникот да започне со комерцијално производство. Потоа, покрај времето потребно за започнување на комерцијалното производство, на рудниците често им се потребни околу десет години пред да го достигнат предвидениот капацитет за производство.
Долгото време на чекање не е само проблем за тие што ги развиваат рудниците, туку и за производителите на електрични возила. Имено, пред некое време, американскиот гигант Ford испрати писмо до американските власти во кое официјално побара забрзување на процесот за издавање дозволи за рударски проекти. Производителот на автомобили посочил дека сегашниот „долг, скап и неефикасен процес на издавање дозволи“ им отежнува на американските бизниси да инвестираат во екстракција и преработка на критичните минерали како литиум, кобалт, никел и графит.
Покрај забрзувањето на процесот за добивање рударски дозволи, унапредувањето на технологиите за екстракција и преработка на минералите исто така претставува неопходен чекор во насока на задоволување на глобалните потреби до 2030 година.
Меѓународната агенција за енергија ја сугерира имплементацијата на некои иновативни технологии за екстракција и преработка на минералите, како што се директната екстракција на литиум (DLE), лужењето со киселина под висок притисок (HPAL) и повторното „ископување“ на рударски отпад. Сите овие пристапи би можеле да помогнат многу во премостувањето на празнините што се појавуваат во синџирите на снабдување со овие вредни минерали.
Нотирајќи го сето ова погоре, станува јасно дека светската индустрија и би рекол економија има насушна потреба – повеќе од било кога претходно, да работи на отворање на нови рудници насекаде во светот, да ја одржува рудната индустрија повеќе од било кога и да инвестира во нејзина модернизација и одговорно (и се разбира контролирано) работење. Потребата од градење на атмосфера на ко-егзистенција меѓу тоа што рудните проекти претставуваат во модерното време и потребите на локалната заеднца е прецизно сфатена од земјите за кои велиме дека се најнапредни, бидејќи тие несомнено го разбираат моментумот во кој новиот чекор на светската “индустријализација” се наоѓа.
Автор: Борис Ефтимовски