Во рамките на започнатиот процес на Форумот Пелагонија–Преспа, како прв генерален настан од овој вид започнат минатата година, и на веќе изготвената прва регионална стратегија за транзиција на Пелагонискиот Плански Регион кон зелена економија, на иницијатива на регионалните комори со седиште во Битола и во Прилеп, на 30 октомври 2024 година во Битола се одржа вториот Форум Пелагонија–Преспа за воспоставување одржлив развој на Алијансата за природна, вкусна и здрава храна од географскиот регион на Пелагонија и Преспа.
Намерата на оваа инцијатива е да се обединат и заеднички да дејствуваат клучните регионални и национални чинители во процесот на добивање, процесирање и на испорака на брендирана храна со географско потекло од регионот Пелагонија–Преспа, како носечки регион во државата во производството на храна.
Во првата фаза од развојот на проектот целна група ќе бидат компаниите и индивидуалните производители кои веќе имаат определена практика во оваа област.
Во втората фаза, непосредно по првата, ќе бидат компаниите добавувачи на пионерите идентификувани со мапирање на мрежите на добавувачи (придружни компании).
Со динамика утврдена од активностите ќе се определи третата група компании следбеници кои ќе покажат интерес за вклучување.
Форумот го отвори и го водеше претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, кој во своето обраќање и изјава за медиумите истакна дека моторот за развој на македонското стопанство е Пелагонискиот Регион и е неопходно да се насочат сите расположливи капацитети во земјоделскиот и во прехранбениот сектор за натамошен развој во таа сфера, како на регионално така и на национално ниво.
На Форумот присуствуваа и дадоа лична поддршка Верче Мицевска, национален координатор за безбедност на храна и за ветеринарна и фитосанитарна политика, и Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд. Тие во своите воведни обраќања истакнаа дека Пелагонија и Преспа се брендови како географски поими во Македонија и пошироко, па затоа врзувањето на производствените продукти што произлегуваат од овој регион со овие именки и географски поими како брендови ќе даде многу повеќе во промоцијата на самите производи на домашниот и на надворешниот пазар.
Претседателот на Регионалната комора со седиште во Прилеп, Никола Мариноски, исто така, го истакна своето задоволство од тоа што оваа иницијатива за Форумот продолжува и што како заеднички чинители во Пелагонискиот Регион секогаш ќе ја дадат својата поддршка за активностите кои водат кон негов економски развој.
На настанот беа присутни и градоначалниците на општините Прилеп, Кривогаштани и Новаци, како и заменик-градоначалникот на Општина Битола.
Пред околу стотина присутни стопанственици, членови на академската заедница од Ректоратот на УКЛО и на неговите факултети од оваа сфера, панелистите ги истакнаа основните принципи за натамошните активности на оваа иницијатива. Пред присутните се обратија:
- Проф. д-р Цветко Смилевски од „БАС“ Битола, кој говореше за организациското воспоставување на Алијансата, која ќе ја сочинуваат клучните учесници во процесот на добивање, процесирање и на испорака на брендирана храна со географско потекло од регионот на Пелагонија–Преспа;
- Проф. д-р Гордана Димитровска од УКЛО, Биотехнички факултет – Битола, која зборуваше за заштитата на традиционалните земјоделски и прехранбени производи и за моменталната позитивна национална легислатива за нивно добивање;
- М-р Билјана Петровиќ од „Современо земјоделство“, која се осврна на здружувањето во земјоделскиот сектор и на консолидацијата на земјоделското производство;
- Проф. д-р Борче Ангелков од Македонското научно друштво – Битола, кој своето излагање го насочи спрема безбедноста на храна и спрема примената на стандардите за неа;
- Клаудија Лутовска, ИПАРД-консултант, која расправаше за подготвеноста на локалните компании за учество на програмите за финансиска поддршка во прехранбениот и во земјоделскиот сектор.
Како заклучок за натамошните активности беа предложени членови на Управувачкиот совет и на развојниот тим со претставници од сите присутни организации: регионалните комори од Битола и од Прилеп, АПРЗ, МЗШВ, БАС, УКЛО и стопанствениците.
На настанот со пригодна презентација се претставија и 10-ина локални компании со своите производи.