Новиот топловод под мостот Беласица во Скопје е целосно ставен во функција, обезбедувајќи стабилна и сигурна испорака на топлинска енергија, соопштија од АД ЕСМ.
Поставувањето на новите топловодни цевки беше завршено во рекордно краток период од помалку од два месеци, благодарение на високата ефикасност и посветеноста на тимовите на АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина.
„Иако првично беше предвидено привремено прилагодување на квалитетот на испораката за мал дел од корисниците за време на финалните активности, ефикасната координација и професионалноста на екипите овозможија поврзувањето на новиот топловод со постоечкиот систем за дистрибуција на топлинска енергија да помине без никакви прекини или отстапки во квалитетот на испораката. Задоволен сум што со тимска работа и вложување на натчовечки напори успеавме да го завршиме зафатот за 40 дена и овој капацитет веднаш да го ставиме во целосна функција“ – изјави Петар Милетиќ, директор на ЕСМ-Дистрибуција на топлина.
Оваа успешно завршена активност уште еднаш ја потврдува стратешката посветеност на АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина кон модернизација на енергетската инфраструктура и обезбедување квалитетна услуга за потрошувачите.