Над 1200 лиценци за производство на струја од обновливи извори за помалку од три години поминаа низ регулаторен филтер и се квалификуваа да се приклучат на мрежата. Тоа резултираше со инвестициски бум во обновливи извори кои го стопија увозот на струја од 40% на 2,75% и денеска тој процес е незапирлив и енергетскиот круг се очекува да се затвори преку инвестиции во батериски системи и обезбедување на балансна енергија посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) на панелот „Обликување на обновливите политики: Дијалог со регулаторите од Западен Балкан“ во рамките на Недела на енергетика на Западен Балкан, што се одржува во Будва, Црна Гора.
„Високите цени на електрична енергија е клучниот пазарен сигнал кој ги мотивираше приватните компании да почнат со силен инвестициски циклус во изградба на фотоволтаични централи со цел да добиваат пониски сметки за струја. Кризата не извади од комфор зона и резултатот е: намален увоз од некогашните традиционални 30% до 40%, сега 2,75%. Инвестициите во обновливи извори се тренд кој нема да престан – тоа е нова реалност. Сега треба да се насочат инвестиции кон обезбедување на балансна енергија и во развој на мрежа“ – Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Регулаторите од регионот се согласија дека инвестициите во т.н енергетски автопат – преносната и дистрибутивна мрежа мора да биде приоритет на секоја влада затоа што се гарантира енергетска сувереност преку сигурна и стабилна испорака на енергенси и се намалува можноста за блек аут.