Се очекува на 10 септември Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини да се сретне со Државниот секретар за енергетика на САД, г-ѓа Џенифер Гранхолм
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ќе учествува на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет. Настанот ќе се одржи на 10 септември 2024 година, во Вашингтон, а на него ќе присуствуваат истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.
Како еден од клучните говорници на конференцијата, министерката Божиновска, заедно со американски и европски претставници за енергетика, ќе даде свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа. Учеството на министер од нашата држава на конференција од ваков калибар го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.
„Конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа е платформа за интеракција со клучните глобални енергетски лидери, а истовремено и можност за зајакнување на нашето влијание во регионалните енергетски дискусии. Со фокус на усогласување на енергетските политики на земјата со пошироките трансатлантски стратегии, преку зајакнување на партнерствата со американските и европските лидери и привлекување на потенцијални инвестиции, во пракса ја реализираме посветеноста на енергетската безбедност и одржливост, што всушност е и еден од приоритетите за кои потенцирав дека ќе се фокусираме како Министерство. На овој начин и со активно вклучување ќе добиеме рамноправен статус и третман при обликувањето на политиките што се однесуваат на геополитичките предизвици кои влијаат на регионот.“ – изјави Министерката Божиновска.
Овој етаблиран настан претставува можност за приказ на енергетските приоритети на нашата држава на глобалната сцена и инволвираност во дискусиите за енергетската политика, безбедноста на снабдувањето и закрепнувањето на енергетскиот сектор во време на економска криза. Додека регионот продолжува да навигира помеѓу сложените геополитички тензии и тековната енергетска транзиција, оваа конференција ќе обезбеди платформа за Северна Македонија дополнително да ги зацврсти партнерствата во обликувањето на енергетската иднина на Европа.