Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на 9. издание на Годишната конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа, организирана од Глобалниот енергетски центар на Атлантскиот совет. Настанот се одржа на 10 септември 2024 година, во Вашингтон, а на него присуствуваа истакнати лидери и носители на политики за решавање на клучните предизвици во енергетската безбедност, трансатлантската соработка и енергетската иднина на Европа, поддржано од САД.
Како еден од клучните говорници на конференцијата, министерката Божиновска, заедно со американски и европски претставници за енергетика, даде свој осврт на темите од значајност за секторот и енергетската безбедност во Европа. Учеството на министер од нашата држава на конференција од ваков калибар го потенцира активниот ангажман во унапредувањето на енергетската безбедност и негувањето на соработката со глобалните партнери.
„Конференцијата за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа е платформа за интеракција со клучните глобални енергетски лидери, а истовремено и можност за зајакнување на нашето влијание во регионалните енергетски дискусии. Со фокус на усогласување на енергетските политики на земјата со пошироките трансатлантски стратегии, преку зајакнување на партнерствата со американските и европските лидери и привлекување на потенцијални инвестиции, во пракса ја реализираме посветеноста на енергетската безбедност и одржливост, што всушност е и еден од приоритетите за кои потенцирав дека ќе се фокусираме како Министерство. На овој начин и со активно вклучување ќе добиеме рамноправен статус и третман при обликувањето на политиките што се однесуваат на геополитичките предизвици кои влијаат на регионот“ – изјави министерката Божиновска.
Во излагањето Министерката Божиновска потенцираше дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини активно работи на зајакнување на партнерствата во меѓународните институции кои соработуваат со државата во полето на енергетиката, како што се Европската банка за реконструкција и развој и Европската инвестициска банка. Исто така, подвлече дека покрај економската соработка исто така важна е и размената на знаење и добри практики од соседството и поширокиот регион. Покрај ова, исто така изјави дека зелената транзиција не е пожелна, туку неопходна за Македонија и за целиот регион, и дека истата претставува заедничка иницијатива која има за фокус подобра иднина на целиот регион.
Овој етаблиран настан претставува можност за приказ на енергетските приоритети на нашата држава на глобалната сцена и инволвираност во дискусиите за енергетската политика, безбедноста на снабдувањето и закрепнувањето на енергетскиот сектор во време на економска криза. Додека регионот продолжува да навигира помеѓу сложените геополитички тензии и тековната енергетска транзиција, оваа конференција обезбедува платформа за Македонија дополнително да ги зацврсти партнерствата во обликувањето на енергетската иднина на Европа.
Погледнете го целосното обраќање на министерката Божиновска во продолжение: