Недостигот од стручен и квалификуван кадар, кој ја ограничува натамошната експанзија на индустријата, станува еден од клучните предизвици за компаниите од металната и од електроиндустријата. На седницата на Здружението за метална и електроиндустрија при Стопанската комора претставниците на присутните компании се согласија дека е неопходно да се вложи во развој на човечки ресурси преку стручно образование и обуки за да се обезбеди стабилен кадар за поддршка на растот.
Истовремено, помалку значајни не се и економските предизвици со кои се соочува секторот како извозно ориентиран, пред сѐ, спрема европските пазари, кои паралелно се соочуваат со сериозни проблеми поради сѐ уште актуелната криза, која мутира во различни форми и димензии повеќе години наназад. Извештајот CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism), исто така, се очекува да влијае врз извозот на производи во Европската Унија поради задолжителните обврски што ги наметнува таа. Новите правила за карбонско оданочување ќе ја зголемат конкурентноста на европскиот пазар, но истовремено ќе создадат и нови трошоци за компаниите од металната и од електроиндустријата. Овој аспект беше истакнат како важен фактор што ќе бара дополнителни напори за приспособување и за усогласување со европските еколошки стандарди.
Дискусијата на седницата се фокусираше и на подобрување на бизнис-климата во земјата и на создавање поволни услови за компаниите да се натпреваруваат на европските пазари. Компаниите разменија и идеи за нови можности за зголемување на извозот, како и за подобрување на застапеноста на металната и на електроиндустријата на меѓународно ниво.
На крајот на седницата беше констатирано дека Здружението продолжува со своите напори за поддршка на компаниите и за решавање на клучните предизвици за да се обезбедат одржлив развој на секторот и поголема конкурентност на глобалниот пазар.