Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во јуни 2024 година, во однос на јуни 2023 година, изнесува 93.5.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2024 година, во однос на јуни 2023 година, бележи опаѓање од 9.5 %, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 4.2 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 16.7 %.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на хартија и производи од хартија, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и Поправка и инсталирање на машини и опрема.
Според главните индустриски групи, производството во јуни 2024 година, во однос на јуни 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 13.7 %, Капитални производи за 11.0 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 7.1 %, бележи пораст кај Трајни производи за широка потрошувачка за 13.6 %, додека кај Интермедијарни производи, освен енергија е на исто ниво.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – јуни 2024 година, во однос на периодот јануари – јуни 2023 година, изнесува 94.9.