Групацијата Феро Инвест на својот LinkedIN профил пренесе изјава на својот сопственик, господинот Кочо Анѓушев, дека неговата компанија на пазарот ќе претстави интегрирано решение за проблемот со вишокот електрична енергија од обновливи извори, а тоа се ,,батериски системи со интерактивен софтвер за паметно складирање и управување со енергијата”.
Софтверското решението на Феро Инвест, кое е сопствено дело на инженерите на компанијата и е развивано по последните две години, во моментот претставува единствен модел за справување со вишокот енергија од обновливи извори, и може да се примени на домаќинства, објекти од индустријата и електрани од обновливи извори.
Како што се објаснува во објавениот текст, фотонапонските панели поставени на објектот се поврзуваат со батерии и заедно се врзани за ПЛЦ управување, а по барање на клиентот може да бидат поврзани и за центарот за мониторинг на Феро Инвест.
Решението обезбедува енергетскa независност на објектот, односно во услови на поволно сончево зрачење, произведената електрична енергија веднаш се користи за неопходните потреби, а вишокот оди во батериите. Попладне и ноќе, кога нема сонце, а кога цените на струјата се далеку повисоки, се користи складираната енергија од батериите, со што се прават огромни заштеди. Пресметките покажуваат дека со инсталација на еден батериски систем, домаќинствата и малите бизниси може да ги намалат своите сметки за електрична енергија и до 98%. Корисникот има панел на кој постојано ја следи потрошувачката на енергија, залихата во батеријата, влечењето енергија од мрежа и неговата сопствената заштеда. Феро Инвест обезбедува и мониторирање и одржување на системот, за безгрижна енергетска независност на клиентот, по принципот ,,имајте струја и кога никој друг нема”.