Европската инвестициска банка испрати писмо со согласност за понудата поднесена од кумановската компанија „Рапид Билд“ за изградба на македонскиот дел од гасоводот со Грција.
Националниот оператор на системот за пренос на гас „Номагас“ ја прифати понудата на оваа компанија како најповолна уште во ноември минатата година, но се чекаше одобрување од Европската инвестициска банка како кредитор на проектот.
Во наредните две недели треба да биде потпишан договорот со „Рапид Билд“, по што компанијата ќе започне со изведбените работи. Инвестиција е вредна околу 60 милиони евра.
Целиот интерконектор има должина од 123 километри, а македонскиот дел – од Гевгелија до Неготино – изнесува 67 километри. Изведбените работи од грчка страна се речиси готови.