Претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Ивица Талевски, објави честитка по повод 28 август – Денот на рударите:
Со особена чест и задоволство, лично и од името на Македонската асоцијација на рударството, на сите рудари и на сите останати вработени и компании кои се дел од македонската рударска индустрија, им го честитам големиот празник 28 Август – Денот на рударите и им посакувам добро здравје, благосостојба и натамошен просперитет.
Македонската асоцијација на рударството и во наредниот период ќе продолжи да се залага и да придонесува кон креирање на повелен амбиент за рударството во нашата земја, кое треба да продолжи да се развива според концептот на одржлив развој којшто подеднакво води сметка за економската, социјалната и димензијата на животната средина. Таквиот развој носи придобивки за сите, вклучително и за рударите и сите останати вработени во оваа индустрија.
Лично сметам дека со конструктивен и аргументиран дијалог, меѓусебно почитување и соработка помеѓу сите засегнати страни и со доследна имплементација на корпоративните практики и индустриски стандарди кои се применуваат во развиените земји, домашната рударска индустрија ќе го добие местото во општеството што го заслужува.
Како индустриска гранка која постојано инвестира во нови технологии, директно обезбедува егзистенција за над 8.000 семејства, а индиректно за многу повеќе, исплаќа плати на своите вработени кои се над 30%, а во некои од поголемите рудници и над 60% повисоки од просечната плата во државата, остварува годишен извоз од над 250 милиони долари и придонесува со повеќе од 3% во создавањето на националниот бруто-домашен производ, македонското рударство покажува дека располага со реален капацитет за дополнителен раст и развој.
Во овој контекст, формирањето на посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое ќе води сметка за спецификите на овој сектор, како и довршувањето на процесот на креирање и усвојување на долгорочна Стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини, влеваат дополнителна енергија и надеж дека конечно ќе биде препознаен потенцијалот на домашното рударство и неговиот придонес за натамошниот одржлив развој на македонската економија.
Нека ни е честит Денот на рударите! Среќно!Ивица ТалевскиПретседател на МАР