АД ЕСМ, како општествено-одговорна компанија, ја продолжува традицијата за поддршка на најдобрите студенти и додели стипендии на шест талентирани студенти – две студентки од Машинскиот факултет во Скопје и четворица студенти од Универзитетот во Тетово. Стипендиите се дел од повеќегодишната практика за поддршка на образовниот процес и вложување во млади потенцијални кадри од областа на електротехниката, машинството, рударството и информациските технологии.
На доделувањето на стипендиите присуствуваа генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и заменик-генералниот директор Реџеп Асани, коишто им честитаа на студентите и им посакаа овој чин да ги поттикне и да ги стимулира за уште поголеми достигнувања и успеси.
Стипендистите добиваат финансиска помош во износ од 80.000 денари годишно со обезбедување средства за нивна едукација, можност за практична работа, како и можност за вработување во компанијата. Средствата се доделуваат еднократно за една академска година. Финансирањето е предвидено да трае за време на сите студиски години, а стипендиите се продолжуваат еднаш годишно, врз основ на исполнување на утврдени критериуми пропишани во договорите за стипендирање што, пак, се услов за продолжување на стипендиите.
Студентите изразија благодарност до АД ЕСМ и истакнаа дека стипендиите им се дополнителна мотивација за да бидат континуирано во потрага по нови знаења, дека ќе имаат посигурна иднина, а нашата компанија ја сметаат како потенцијално место каде што по завршување на студиите би го продолжиле својот професионален развој.
Компанијата и понатаму ќе продолжи со поддршка за младите и нивното образование, создавајќи кадри кои се важни и конкурентни на пазарот на трудот.