АД ЕСМ и КфВ развојната банка на СР Германија ги потпишаа сепаратните Договори за имплементација на проектите фотонапонска електроцентрала Битола 2 и втората фаза од ветерниот парк „Богданци“. Договорите беа потпишани од генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и Мориц Реме, директор на канцелариите на КфВ Банка за Северна Македонија и Косово.
„Новите електрани ќе ни овозможат зголемување на домашното производство на зелена електрична енергија и забрзување на патот кон наша целосна енергетска независност. Тие капацитети ќе ни овозможат и побрзо достигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови, односно обезбедување на здрава животна средина, почист воздух за нашите граѓани“ изјави Лазо Узунчев, генералниот директор на АД ЕСМ.
На настанот присуствуваа и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
Поволниот кредит од 55 милиони евра од страна на КфВ банката, наменет за фотонапонската електрана Битола 2 во износ од 47,3 милиони евра и ветерниот парк Богданци – Фаза 2 во износ од 7,7 милиони евра, се доказ за успешните политики на Владата во делот на декарбонизација на енергетскиот сектор, како и на заложбите на АД ЕСМ за зголемување на домашното производство на електрична енергија и за изградба на одржлив енергетски сектор кој поседува капацитет да се справи со предизвиците на глобалните економски текови.
Реализацијата на двата зафати дополнително ќе го збогати портфолиото за обновливи извори на АД ЕСМ, ќе придонесе за дополнителна стабилност на енергетскиот систем и ќе влијае на намалување на зависноста од увоз на електрична енергија. Овие инвестиции, имаат и социо-економски придобивки затоа што ќе отворат нови зелени работни места. ФЕЦ „Битола 2“ и проширувањето на ветерниот парк „Богданци“ се дел од долгорочните планови на државата кон зелената енергетска транзиција.